јан
27
2012
sanjich
И се свртев на другата страна погледнав кон тишината, меката перница ме влечеше за сонот, ама глувата темница ме завлече кон своите мисли. Тоа беше единствениот момент кога можев да се слушнам себеси без да проговорам, единствениот момент откако ќе стивне целата дневна рутина и задишаност од секојдневието. Ни месечината не можеше да допре до моите очи кога размислував на таа тема, едноставно мракот беше најпогоден за да се соочиш со самиот себе. И сега разлистувајќи ја темата на проживување во целата таа една година, стигнав до крајот на првото поглавје, носеше завршна реченица која велеше: Од утре е нов ден. Кожата чувствуваше ладен ветар кој струеше и ја раскреваше заспаната емоција на врвот од човечкото тело. Смешно нели? Човекот заспива, а емоциите се будат, не! Човекот се опушта за да можат емоциите да се препуштат нему, на оној живиот кој останал после починатиот за да го возвишува, тоа што другиот веќе не може, да го возвишува животот. 365 дена, секој со своја болка, почеток или завршница со насмевка, посебна приказна за секоја солза, и една единствена тема за живеењето без еден човек. Сенката на минатото е додатна болка ако и дозволиш да ти стане секојдневие, зошто тогаш ќе ја осетиш бездушноста на рутинските навики и ќе забораваш како е да напредуваш во животот, бидејќи секое утро ќе се будиш со нешто кое веќе поминало. Убиството на една човечка замисла за живот е самиот почеток кога ќе почнете да ја губите причината за да живеете, човек без цел и идеа е птица со крилја која не научила да лета. А, зарем птиците се родени за да чекорат? Тогаш зошто им се крилата? Ние добивме нозе, со кои се движиме, памет со кој треба да напредуваме, очи за да го гледаме колоритот на животот и срце за да живее уште една човечка душа. Затоа научив, и после една година вжарените емоции да ги оставам да тлеат, не да тагуваат, туку да се радуваат, ангел на небото, потомство на земјата и свеќа во спомен на уште еден починат, но никогаш заборавен херој.
сеп
02
2011
sanjich
Никогаш, ама баш никогаш не покажувајте колку ви е тешко, не дозволувајте да мислите дека пропаѓате бидејќи само вие имате проблеми. Живиот свет опстанува на земјава за да биде проблем сам на себе и да го решава тоа целиот живот, зошто на тоа се должи нашето постоење, да решаваме загатки, да се изненадуваме, да паѓаме и да стануваме.. да бидеме луѓе во правата смисла на тој збор. Никогаш не се жалете дека ви е најтешко, зошто не знаете колку е ладна земјата на која спијат илјадници бездомници кои се среќни зошто воопшто го преживеале денешниот ден. Постоиме за да се радуваме на нашата одлика кога ќе ја видиме во огледало, сакаме за да знаеме што се емоции, мразиме за да ја почувствуваме и другата страна. Често пати посакавме да сме други личности, да го немаме тоа тело што го носиме, да не бидеме тоа што сме, а зошто? Зошто да бегаме од сопственото? Тешко е кога си разочарување во очите на сам себе, па зошто не се потрудиш да бидеш сам свој идол? Да бидеш гордоста во свои очи и во очите на оние кои се потрудиле за да стигнеш на овој свет. Еден ангел кој ме држеше за рака додека растев ме учеше дека се во животот си има своја причина, можеби тоа што сега не е тука е уште една битка и пораз за да доживеам животен успех. Верувајте, искуствата го прават човекот, приказните го погазуваат бидејќи го учат да лета, без да научи да чекори. Знам, животот боли, но боли за да знаеме после колку е слатка победата, пораз е, за да знаеме да го цениме успехот.. смртта е, за да знаеме да го цениме животот!!
авг
31
2011
sanjich
Не сакаш да бидеш заборавена, не сакаш да бидеш изгубена и оставена, мразиш да постоиш за да бидеш погазена, мразиш што постоиш за да бидеш тоа што другите сакаат. Но, некои луѓе забораваат како беше да имаш некој, зошто секогаш лажно простувале за да имаат, секогаш лажно постапувале за да постигнат, секогаш лажно имале, а кога ќе се разбудат? Тогаш ќе сфатат колку навистина немаат. И не, не го зборувам сето тоа јас, го зборуваат емоциите на повреденото его кое сакало да биде многу повеќе од заборавено, кое сакало да биде многу повеќе од погазено, а сега? Е сега е доволно огорчено за да почне да заборава. Доволно повредено за ги остави убавите манири внимавајќи да не повреди, сега остава за да не биде оставено и никогаш не засакува за да нема потреба да замрази. Чудно нели? И емотивците знаеле за граница. Токму така, секое суштество кое дише и опстојува има потреба од емоција, а кога ќе му ја забраниш и погазиш, тогаш посакува никогаш воопшто да не постоела и почнува да ја игнорира. Смешно зар не? Сакаме за да не мразат, мразиме за да не сакаат, всушност треба да бидеме ладни, за да добиеме топлина… каква иронија.
авг
15
2011
sanjich
Да дозволиш да те проголта дупката на разочарувања, значи дека си дозволил да живееш во исчекувања и моменти насловени: Можеби. А, некои луѓе незнаејќи дека рокот на траење им е предвиден, живеат премногу сигурно и се плашат да употребат малку повеќе сила во своите обиди. Безброј очекувања и разочарувања за да стигнат успеси и победи, но кога планот на случувања ќе се сведе на изгубено време и безнадежно надевање тогаш значи дека треба да го смените патот по кој ја развивате сопствената енергија за да доживеете успех. Ризикувањата не секогаш носат успех, но како ќе научите ако не згрешите? Како ќе знаете како боли ако никогаш не сте осетиле и не сте добиле рана? Секое прашалниче има своја точка, секој извичник има додатен молк после него, секој момент има своја минута која се надополнува поединечно со следното случување. Всушност кога секое зошто има затоа, дозволете им на случувањата еднаш тие да раскажуваат за вас, зошто? Затоа што така ќе осетите колку е добро некогаш да оставите случајноста да ве воведе во ризикот кој ќе ве направи поискусни. Сигурниот пат не е секогаш најдобриот, прочитаното неможе секогаш да ве возбуди колку она што ќе го видите, сликовито прикажано секогаш поинаку ќе го доживуваме. Се додека не ризикуваме нема да добиеме, се додека самите се убедуваме дека е погрешно до тогаш во страв ќе живееме, се додека самите одбиваме да признаеме, се повеќе ќе се залажуваме. А, животот не се состои од криејќи се сами од себе, туку откривајќи се себеси во сосема нови хоризонти кои ќе се случат единствено кога ќе решиме да пробаме нешто ново за кое незнаеме дали е сигурно и дали воопшто може да донесе успех.

јул
16
2011
sanjich
Мракот на чувства беше обоен од сивило со палета од црно бели нијанси. Чудно зар не? Трагајќи во пустата ноќ на изгубени соништа се пронајдов себеси покрај својот сон. Незнаев дали сонувам, дали се будам или пак мечтаам. Нижејќи ги разочарувањата снемав конец, посегнав кон белиот, но се одмота црната макара. Црната макара ми извезе еден тежок ден во мојот живот, црната макара со својата игла ме прободе во срце и ми изрежа ветување дека никогаш нема да дозволи да ја заборавам болката на тој ден. Незнаејќи што да направам, губејќи се во моментите на слабост, ја затворав болката во себе и водев борба со своето јас. Сакав да исчезнам од живите, да престане моето постоење, но длабоко во себе се што посакував е да ја тргнам надгробната плоча и да видам дека таму не спие мојот татко. Застанувајќи пред крстот каде беше испишано неговото име, за момент посакав да не сум писмена, да неможам да ги прочитам тие зборови, но отчукувањата на моето забрзано срце им велеа на моите солзи да продолжат да паѓаат, барем делумно да и помогнат на мојата болка. Велат ваквите реални кошмари се начин да се соочиш со самиот себеси, но јас се соочив со животот и учам да продолжам тогаш кога ќе ме застане. Се соочувам со густината на разочарувањата за да сфатам дека некаде во средина на равенката следат падови помножени со искачувања кои даваат резултат успех. Точно е, го изгубив херојот на мојата приказна, кралот на кралството во кое пораснав, човекот кого нема да го заменат, личноста која ја доживував како пример на совршеноста… точно е дека изгубив нешто што само ќе боли кога ќе се сетам, но истовремено ќе се насмевнам, зошто јас научив кога губам да се насмевнам, кога боли да издржам и кога ќе се сетам на него да кажам: Да , јас имав татко, сега ја имам честа да имам ангел чувар.